Одбележувате две години од работењето. Гледано од денешен аспект која е конкурентската предност на „Дајмонд мол“?
Да, се навршуваат две години од почетокот на работата на трговскиот центар и можам со големо задоволство да констатирам дека роденденот го одбележуваме со заокружување на позитивни резултати. За мене најважно е тоа што „Дајмонд мол“ веќе е омилено место за шопинг, добра храна и одлична забава, за посетители од сите возрасти. Со амбиентот, дневната светлина која ја обезбедува нашиот сончев кров, разновидната понуда за шопинг и пред сѐ уникатната понуда на Гурманската авенија и Зоната на соништата, „Дајмонд мол“ навистина нуди многу разновидни можности.
За кратко време граѓаните ја препознаа уникатноста на нашите содржини и луѓето почнаа сѐ повеќе да си наоѓаат свои омилени места во молот. Ако за една година го зголемивме бројот на посетители за скоро 50%, сега за две години бројот е зголемен за околу 100% споредено со почетоците. Секако, ова за нас не е доволно, бидејќи сметаме дека нашите понуди дополнително ќе се популаризираат, а досегашното искуство ни го потврдува тоа. Покрај разновидната понуда и присуството на голем број промоции и акции, важиме за место каде што може да се вкуси одлична храна и тоа од различни интернационални кујни. Не помалку атрактивна е и шопинг понудата која во континуитет се збогатува. Значи, ако треба да сумираме која е нашата конкурентска предност, би рекла со еден збор – хедонизам. Успеавме да креираме уникатен спој на добра шопинг понуда, неповторлива гурманска приказна во истоимената авенија, како и уникатни содржини за најмладите во Зоната на соништата (Dream Zone), кои нудат можност за развивање на фантазијата и многу игра.
Посветено работевме на развој на деталите, а најголемо задоволство за нашиот тим е фактот што тоа го препознаа граѓаните, од земјата и од регионот.
Што ново може да очекуваат посетителите наскоро?
Вториот роденден е заокружување на уште една етапа, во која успеавме значајно да го прошириме присуството на брендови од различни сегменти, вклучувајќи и здравје и убавина, финансиски услуги и се разбира, модни брендови. Но, тука не застануваме. За кусо време во „Дајмонд мол“, ќе почне со работа новиот бренд „Funky Buddha“. Се работи за модерен и динамичен бренд, кој прв пат доаѓа на македонскиот пазар, што значи ексклузивно ќе биде достапен во „Дајмонд мол“. Во тек се преговори за уште два нови ексклузивни модни брендови, а на почетокот на следната година, очекуваме отворање на ресторани од меѓународни синџири на ресторани. Покрај тоа, во завршна фаза е подготовката на фитнес центар, кој ќе биде најголем во земјава. Фитнес центарот ќе биде опремен според најновите трендови во фитнес индустријата и ќе биде вистински одговор за потребите на динамичното модерното живеење. Оваа содржина ќе додаде нова димензија на „Дајмонд мол“ и ќе го дополни основниот концепт на „лајф-центар“, што е ниво погоре од само место за шопинг и место за брза храна. Работиме и на други изненадувања, но би се задржала на проектите кои се во напредна фаза на реализација. Останатите ќе бидат јавно соопштени штом ги поминат нашите интерни процедури.

Спомнавте содржини кои ќе му дадат нов дух на „Дајмонд мол“. Дали сметате дека ќе има интерес за ваква понуда?
Веднаш штом се дозна за новиот фитнес центар луѓето почнаа да бараат повеќе информации. Тоа за нас не е изненадување, бидејќи ние ги развиваме проектите врз основа на претходни анализи на пазарот, кои ни покажуваат што недостасува во градот и што сака да добие како понуда современиот човек. Факт е дека денес луѓето се изложени на стрес многу повеќе отколку во минатото, но исто така почнуваат сѐ повеќе да се грижат за своето здравје, внимаваат што јадат и внесуваат физичка активност во својот секојдневен распоред. Тргнувајќи од таквите трендови, ние развивме концепт кој ќе одговори токму на ваквите потреби на луѓето, преку нова приказна, во најурбаниот дел во срцето на Скопје. Оттука, сигурни сме дека ќе има голем интерес и знаеме дека нашата понуда ќе биде многу барана и ќе ги пресретне очекувањата. Слично како што е случајот со Зоната на соништата (Dream Zone), која нуди содржини за најмладите и веќе стана прв избор за родендени, дружење и место за забава и едукација.
„Дајмонд мол“ стартуваше проект за подигнување на свеста за вдомување на уличните кучиња, што е акутен проблем во главниот град. Што ве инспирираше да започнете ваква акција?
Има една девиза – оној што ги сака животните, ги сака и луѓето. Ние уште од самиот почеток работиме и размислуваме како активен член на заедницата. Сакавме да помогнеме да се реши проблемот со бездомните кучиња, кои заслужуваат пристојни услови за живот. Секако ова не е проблем што можеме сами да го решиме, туку тоа бара системска акција, па затоа започнавме соработка со јавното претпријатие „Лајка – Скопје“. Акцијата се состои со промоција и поттикнување на вдомување напуштени кучиња од скопското прифатилиште. Го искористивме нашиот голем билборд на кој се прикажуваат фотографии на кучиња кои бараат дом. Целта на акцијата е да се подигне свеста за вдомување на миленици наместо нивно купување, како и да се поттикне сочувството и одговорноста кон напуштените животни, кои бараат љубов и внимание.
Нашата пораката „Вдоми. Не купувај.“, поттикна граѓани да вдомат напуштени кучиња, притоа придонесувајќи за хумано решавање на проблемот со бездомни кучиња. Секако ова е прв чекор, а свесни сме дека за посериозни резултати е потребна континуирана работа. Затоа и ја продолжуваме нашата соработка со „Лајка“.
Одбележувањето на нашиот втор роденден повторно ќе биде со акција за подобрување на статусот на бездомните кучиња. Во рамките на прославата ќе иницираме донации за храна за бездомните кучиња. Секој посетител ќе може да донира, а „Дајмонд мол“ секако ќе даде дополнителна донација. Еве, да ја искористам оваа прилика да ги повикам сите граѓани кои сакаат да дадат придонес да се приклучат кон оваа акција.
Во следниот период ќе продолжиме да работиме на оваа тематика, добивме голема поддршка од многу посетители на молот и има голем интерес од граѓаните. Во рамки на нашата посветеност на општествената одговорност, ќе продолжиме да поддржуваме и да развиваме проекти со позитивно влијание во заедницата. Покрај иницијативите за добросостојба на животните, сакаме да градиме свесност и да преземеме значајни активности за различни општествени и еколошки теми. Како активен член на заедницата, веруваме во обезбедување трајни ефекти преку емпатија, соработка и заедничка одговорност.




